Вардар 1961 почна со подготовките за новата сезона, во која веќе е добро познато дека нема да учествува во Лигата на шампионите. Ова беше голем удар за актуелниот македонски првак, кој токму по елиминацијата од ова натпреварување, мораше да го промени ростерот, па сите оние звучни имиња заедно со Тимур Дибиров го напуштија „бродот“.
Сепак и покрај промените, амбиците остануваат исти. Двојна круна во домашниот шампионат, како и добро издание во СЕХА-лигата, се двете полиња на кои Вардар под водство на Владо Недановски, со искусни и млади имиња ќе биде насочен.
„Мислам дека најдобро за нас е да го заборавиме овој период и се што се случуваше во врска со неиграњето во Лигата на Шампионите. Тоа треба да го оставиме што поскоро зад нас и да се насочиме кон тоа што следи во македонското првенство и СЕХА лигата. Имаме релативно млада екипа, доста изменета во однос на претходната сезона. Сакам добри подготовки, успешни и сите да останат здрави. Гледам потенцијал во оваа екипа, има доста млади играчи кои мислам дека ќе експлодираат и ќе докажат дека нивното место е во Вардар“, вели Георгиевски и додава:
„Амбициите се исти, освојување на шампионската титула во Македонија. Ќе биде тешко го имаме ривал Пелистер против кој секоја сезона е се потешко, но мислам дека тоа е добро за македонскиот ракомет и квалитетот на истиот. Мислам дека ќе гледаме уште една интересна ракометна сезона во Македонија“