Фудбалерите на Болоња овој понеделник доживеаја пријатно изненадување – на тренинг ги посети Синиша Михајловиќ!
Српскиот тренер повторно е во болница бидејќи треба да се бори со леукемија, која првично му беше дијагностицирана во 2019 година. Тој ја доби првата битка, но за жал болеста се врати. Тоа не го спречи Михајловиќ да ги посети играчите пред новата сезона и да покаже дека не може без својот тим.
Италијанските медиуми денеска пишуваат дека Михајловиќ претпладнето пристигнал во тренинг центарот. Тој се задржа околу половина час и имал разговор со фудбалерите, што сигурно ќе им даде нов мотив пред да ги продолжат подготовките за сезоната.
Неговата желба е да го води тимот во првото коло од Серија А, исто како и во 2019 година, а во претстојната натпреварувачка година Болоња првиот натпревар ќе го одигра на 14 август на гости кај Лацио. Михајловиќ во текот на својата играчка кариера шест години ги бранеше боите на тој клуб, а во Италија настапуваше и за Сампдорија, Рома и Интер.