Јанковски и Јакиќ нови имиња во Голден Арт!

130

Ракометниот клуб Голден Арт, кој оваа сезона одново ќе игра во лига со најквалитетните ракометни колективи во државата, со цел што подобро претставување и остварување на зацртаните цели, ја зголеми конкуренцијата на двете позиции на левата страна од тимот со двајца млади играчи.

Левото крило Славе Јанковски и левиот бек Тони Јакиќ во следните две години ќе бидат дел од тимот кој го води Никола Матлиeски и покрај своите задачи во нападот, двајцата ќе бидат важен дел од одбранбената формација на Голден Арт.

Струмчанецот Јанковски, кој игра на позиција лево крило, претходно во својата кариера настапуваше за Зомимак во својот роден град, од каде премина во Вардар Јуниор, за повторно да се врати во Струмица, овој пат во Астарион Хандбал, а во Голден Арт дојде од суперлигашот Струга.

 „Чест и задоводство ми е што ќе бидам дел од проектот на Голден Арт во следните две години, амбициозен проект кој е препознатлив по тоа што вложува во млади македонски ракометари и со тренажниот процес, условите и можноста за настап овозможува простор за напредок. Очекувам личен напредок, кој ќе се стави во функција на тимот, постигнувајќи успех и реализирајќи ги целите на клубот”, рече Славе Јанковски.

Тони Јакиќ игра на позиција лев бек, а неговиот ангажман треба да даде ширина во арсеналот на бековската позиција, но и цврстина и габаритност во зоната на тимот на Голден Арт. Роден е во Метковиќ, Република Хрватска,  пред 22 години, првите чекори на ракометниот терен ги направи во родниот град во ракометната школа на РК Метковиќ, за подоцна да премине во РК Металац, а минатата сезона го носеше дресот на РК Дубровник.

„За првпат ќе настапувам надвор од мојата татковина, и искрено ми е многу драго што во следните две години ќе бидам дел од Голден Арт, млад клуб за кој слушнав многу убави работи, клуб со одлична организација и амбициозен проект за кој во следните години сигурен сум ќе се слушне и надвор од Македонија. Почестен сум што сум дел од клубот, како единствен странец, имајќи предвид политиката на клубот, ангажман на македонски ракометари. Тоа е голема одговорност за мене како млад ракометар, но и шанса да докажам дека ваквиот чекор на клубот е потполно оправдан. Очекувам многу квалитетна работа, напредок и можност да му помогнам на клубот да биде достоен ривал на секоја екипа во најсилната лига во Македонија”, изјави Тони Јакиќ.

Голден Арт оваа сезона на левата крилна позиција покрај Јанковски, ќе ги има Симон Гучески и Есад Дрпјанин, додека на левата бековска позиција покрај новајлијата Јакиќ, стручниот штаб на располагање ги има Андрија Мандиќ и Христијан Милошески.

ПретходноБензема со врати со фантастичен гол, четири „парчиња“ на дуелот меѓу Барса и Јуве (ВИДЕО)
СледноНа Роналдо му е затворена уште една врата!