Европска Шкендија: Тетовци со нов триумф над Летонците…сега на ред е АИК!

1328

Шкендија – Валмиера 3:1 е епилогот од реваншот вечерва во Скопје од 2.квалификациско коло во Лигата на Конференции. Сосема доволно за севкупни 5:2 и за закажување двомеч од следната рунда против АИК од Шведска.

Добра Шкендија, рутинирана Шкендија. Едноставно класи се во прашање во однос на Валмиера.

Оваа Шкендија по се изгледа ја чека долго лето во Европа.

Интересно, првата закана на мечот ја имаа Летонците, но за среќа немаше изненадување. Потоа работите се средија, Шкендија ја презема контролата, знаеше што сака и знаеше како да дојде до тоа што го сака. И тоа дојде во 11.минута кога Шкендија поведе. Имено Хасани од лево убаво центрираше пред голот на гостите, а тука најдобро се снајде Бејтулаи и со глава уште поубаво ја погоди мрежата на Валмиера.

По тој гол Шкендија уште повеќе притисна, сакаше до втор гол, имаше акции, но сепак тој период од играта малку траеше.

Валмиера полека но сигурно се ослободи од притисокот и почна да се заканува, а шокот за Шкендија дојде во 25.минута кога Јапонецот Мурата израмни на 1:1. Секако незгоден резултат.

Но, тогаш на свена стапи Дориев, кој со спринт од околу 70 метри успеа да дојде до голот на Валмиера, да погоди и да донесе водство од 2:1.

Браво за Љупче.

ВАЛМИЕРА СО ИГРАЧ ПОМАЛКУ

На почетокот од вториот дел Шкендија продолжи со добрата игра, ја контролираше средбата и резултатот, а и се закануваше. Посебно Дориев кој од околу 18 метри шутираше, но гостинскиот голман едвај одбрани. Штета.

Секако дека и Валмиера се обидуваше да стори нешто, да дојде до уште едно израмнување, но сепак бадијала беа тие обиди. Во овој период од играта Шкендија знаеше како треба да се одигра. Смирено, без многу напор, со топка во свој посед и добра и цврста одбрана кога е потребно.

Во 67.минута стрелецот а голот за Летонците, Мурата, доби втор жолт картон и со тоа на Шкендија работата уште повеќе и бепе олеснета зошто имаше играч повеќе на теренот.

На десет минути до крајот во игра влегоа Стојановски и Елези, замени кои секако дека беа очекувани од страна на стратегот Артим Шаќири.

Во 85.минута Рамадани со убав гол стрела за 3:1. Убав гол за младиот играч за врска.

Со што само стави печат на триумфот на неговиот тим.

2.квалификациско коло во ЛК – реванш (прв меч 2:1)

ШКЕНДИЈА – ВАЛМИЕРА 3:1 (2:1)

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Кевин Кленси (Шкотска). Стрелци: Бејтулаи 11., Дориев 33. Ф. Рамадани 85.(ШКЕ). Мурата 25. (ВАЛ). Ж. Картони: Хасани, Ф. Рамадани (ШКЕ), Фали, Тонишевс, Мурата, Гуеје (ВАЛ). Ц. Картони: Мурата 67. (ВАЛ).

ШКЕНДИЈА: Захов, Мурати, Бејтулаи, Цаке, Незири, Р. Рамадани (71. Ф. Рамадани), Дита, Шаља (59. Нафиу), Хасани (79. Елези), Дориев, Гури (79. Стојановски).

ВАЛМИЕРА: Матревицс, Тонишевс (46. Гуеје), Балодис, Јакуба, Фали (68. Бирка), Јокота, Желиско, Мурата, Јаунземс, Мена (68. Ндоје), Кролис (75. Пенкевитс).

ПретходноБалотели сака да игра со Роналдо и Елмас во Наполи, ама Португалецот преговара за враќање во Спортинг!
СледноОваа Шкендија може далеку, далеку во Европа… на 4 август во Стокхолм, реваншот на 11 август во Скопје