По вчерашниот пријателски меч меѓу Брегалница и Кожуф, кој “сините“ го добија со 4:0, фудбалската јавност во Македонија се прашува кој е тој Дино Михолов, “малиот“ од Брегалница кој на гевгеличани им “стегна“ убав гол.
Фудбалски Штип го знае Дино Михолов, тука нема дилеми, а пошироката јавност допрва ќе го дознае.
Дино е уште еден голем талент на Брегалница и фудбалски Штип. Има само 17 години, игра за младинските репрезентации на Македонија, а вчера доби шанса од стратегот Илчо Ѓорѓиоски да настапи за првиот тим и тоа на пријателската со Кожуф. И веднаш ги оправда очекувањата, со своето залагање, квалитет и однос кон играта и синиот дрес кој за сите штипјани е светост. И како награда дојде и голот.
Инаку тој е роден штипјанец, своите први фудбалски денови ги минува во школата на Мак Ајакс како што пишува доајенот на спортското новинарство Киро Манев од Штип. Михолов продолжува во младинската академија на Брегалница, а веќе тренира и со првиот тим.
Лани постигнал 12 голови во младинската Супер лига на Македонија во дресот на Брегалница.
Нема сомневање дека ако продолжи со напорната работа на тренинзите секако дека стратегот Ѓорѓиоски ќе му дава шанса и на првенствените мечеви во претстојната сезона во која Брегалница влегува со големи амбиции.
Фудбалски Штип отсекогаш “раѓал“ големи фудбалски таленти, Михолов е еден од нив, а допрва Брегалница и градот под Исарот, па и мак – фудбалот ќе се гордеат со него.