Напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски ги обвини челниците на неговиот поранешен клуб Баерн дека шират лаги за неговото заминување од клубот. Се збореше дека Лева е навреден бидејќи баварскиот гигант сакал да го замени со Ерлинг Халанд. Тој вели дека тоа не е вистина.
„Тоа нема никаква врска со Ерлинг. Јас сум човек кому вистината му е најважна, дури и кога е лоша за мене. Не сакам да ви откријам што точно се случи, но тоа не е поради него. Не гледам зошто би било проблем ако дојде овде“, изјави Левандовски за ESPN и ја продолжи приказната:
„Одредени луѓе ме излажаа, едно зборуваа, а друго правеа. Сакав се да биде чисто и очигледно беше проблем за некои. Го чувствував тоа и знаев дека е вистинско време да го напуштам клубот“.
Тој никогаш нема да го заборави времето поминато во Баерн. Таму освои се што можеше, но сега се пред него нови предизвици. Сепак, му пречи тоа што не замина како што посакуваше.
„Чувствувам дека сум на вистинското место. Беше време за ново поглавје во мојата кариера. Имаше многу политика во последните неколку недели кога се обидував да си одам. Клубот се обидуваше да најде причина да ме продаде бидејќи е тешко да им се објасни се на навивачите. Морав да прифатам таков однос иако за мене се зборуваа многу глупости и с*ања. Ништо од тоа не е вистина, но знам дека и денеска навивачите се на моја страна“, изјави Левандовски.