“Баварците“ си тераат по старо. Освоија уште еден трофеј на домашна сцена. Сезоната 2022/23 ја отворија со победа во Суперкупот на Германија и тоа над РБ Лајпциг со 3:5 и тоа на теренот на својот противник.
Доминантна игра на момците на Јулиен Нагелсман, но само во првиот дел кога во 45.минута имаа водство од 0:3. Прв серијата голови ја отвори Мусиала во 14. минута, па Садио Мане во 31.минута го постигна својот деби гол за 0:2. Павар стрелаше во 45.минута за 0:3.
Домашниот состав намали на 1:3 преку Халстенберг во 60.минута, но Гнабри брзо врати со гол за 1:4. Од тој момент “баварците“ како да се заситија со убедливото водство а тоа го искористи противникот кој во 77.минута преку Нкунку намали на 2:4. Но тоа не беше се, во 89.минута преку Олмо намалија и на 3:4. Точка стави Сане за 3:5 и тоа 90+8.минута.
Покрај Мане свое деби во дресот на Баерн Минхен имаше и Матијас де Лихт.