Е.Пелистер во својата база во Маврово ги одработува подготовките за новата сезона. Битолскиот тим направи целосна промена на составот, под водство на новиот страте Ларс Валтер полека ги склопува „коцките“ за да блесне во целосен сјај на европско ниво и во домашниот шампионат.
Во новиот Е.Пелистер капитенската улога му припадна на Мирко Радовиќ, кој вели дека сите даваат се од себе, се трудат да го прифатат што подобро системот на новиот тренер.
„Голема чест ми е што сум избран за капитен на Еурофарм Пелистер. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на соиграчите, навивачите и управата. Што се однесува до екипата, нова е и полека ги склопуваме „коцките“. Кратко сме заедно и се обидува што можеме да постигнеме. Напорно тренираме и даваме максимум засега.
Секој тим е посебна приказна. Оваа година е уште „млада“, момците само што стигнаа, исто така и тренерот. Се обидуваме што е можно побрзо да се прилагодиме. Немаме премногу време за тоа. Се трудиме секој ден фокусот да е на максимум и да даваме сè од себе. Со тоа што побрзо да го прифатиме системот на тренерот и новите играчи да се имплементираат во него. Како домаќини ние ќе дадеме сè од себе да им помогнеме“, изјави Мирко Радовиќ.