Македонската јуниорска репрезентација го запиша вториот пораз на Европското првенство во Измир. Избраниците на Тони Симиќ доживеаја голем удар од Франција, едноставно се изгубија на теренот, беа убедливо совладани со 104:47.
Франција не е Израел, па индивидуалноста која ја видовме на претходниот меч, сега не постоеше, не зошто Симиќ ја промени тактиката, туку зошто против една ваква силна селекција се виде дека селекторот требало многу повеќе да ги спреми момците, отколку да размислува на чудни математики.
Оваа средба беше решена после една четвртина, во која Македонија изгледаше без идеја, а противникот постојано како од шега го полнеше кошот на „црвено-жолтите“. Франција даде 39 поени, додека нашите кошаркари 13. По само 13 минути игра, избраниците на Тони Симиќ имаа 10 изгубени топки.
Цепелини, забивања…беше дел од игратата на француските играчи, кои лесно им ги земаа топките на нашите момци, секој втор напад во овој дел завршуваше со забивање. Тео Симиќ беше затворен, па неговиот татко во немоќ го врати на клупата.
На одморот резултатот беше 21-64, нашите момци постигнаа само шест поени во втората четвртина, до крајот беше само чиста рутина.
Наш најдобар поединец беше Петар Башоски со 12 поени, додека пак кај Франција Билал Кулибали стигна до 19 коша.
Македонија утре игра против Велика Британија во последното коло од групната фаза.