Денеска ФК Беласица ќе го прослави својот 100-ти роденден, ќе прослави еден век постоење. Се разбира дека ова е голем ден за фудбалска Струмица, за клубот кој е гордост на градот. Со низа манифестации и фудбалски натпревар меѓу Беласица и Брегалница вечерва на стадионот “Благој Истатов“ (20 часот), сегашното раководство на клубот под водство на Славчо Васков – Пинда во текот на денешниот ден ќе го прослави роденденот заедно со своите гости и ќе се потсети на се она што Беласица мина во изминатиот век.
Според кажувањата и записите, фудбалот во Струмица е донесен од англиски војници кои учествувале во пробивањето на Солунскиот фронт во Првата светска војна.Сепак за официјално се смета дека во 1922 година основан е клубот ФК Беласица во една од градските кафеани во Струмица. За прв претседател бил избран Ѓорѓи Москов, а во раководството во тие први денови биле и Томи Кујунџиев, Ристо Петров…
Првиот меч бил против скопска Победа на кој струмичани победиле со 1:0.
Во овие 100 години Беласица станува еден од нашите најпознати фудбалски клубови. Во некогашна СФРЈ во неколку наврати играла во Втората лига.
Благој Истатов, кој почина пред четири години, легендарниот голман, е икона на клубот. По него е именуван и стадионот.
Васил Рингов е вистинска фудбалска легенда кој потекнува од Беласица.
Сепак „златно време“ на Беласица е на почетоток на овој век, од 2000 до 2003 година, кога под водство на Ванчо Таковски клубот играше и во Европа, а беше и при врвот на мак-фудбалот.
Пандев, Стојков, Масев,Мазнов, браќата Попови,Балдовалиев…се децата на Беласица. Тоа е таа генерација на Беласица, која се смета за производ на Бате Ване, генерација која беше неизоставен дел од нашата фудбалска репрезентација. А посебно Горан Гранде Пандев, најпознатиот струмичанец во светот. Зарем треба да се трошат зборови за него.
Беласица во изминатите 100 години имаше ривалства со многу наши клубови, се сеќваме на оние со Вардар пред две децении, кога се водеше битка за титулите во ПМФЛ.
Сепак секој фан на Беласица кога ќе го прашате кој клуб е најголемиот ривал, секој ќе каже дека тоа е Брегалница, уште од времето на настапите во Втората лига во екс-СФРЈ. Струмица и Штип, тоа е тоа фудбалско ривалство.
Па токму затоа Бреалница е поканета на роденденот и денешниот роденденски ден да се заокружи со спектакл, натпревар меѓу Беласица и Брегалница.Меч за полни трибини на стадионот “Благој Истатов“ за фудбалски уживање.
„Спортмедиа“ секако дека и го честита 100-тиот роденден на ФК Беласица со желба многу скоро да се врати повторно во елитата,таму каде што и е местото.