Маурицио Покетино го даде своето прво интервју за аргентински медиум по официјалното заминување од клупата на ПСЖ. Аргентинецот зборуваше за тоа како живеел во последните месеци, откако ја напушти клупата на Пари Сен Жермен. Во моментов тренерот живее во Барселона, каде чека понуди за нов ангажман.
„Смирен сум, ги прифаќам околностите низ кои моравме да живееме. Се заврши доста доцна и морам да анализирам се што се случи во последните 18 месеци во Париз. Сепак мислам дека тоа беше едно многу позитивно искуство. Секогаш треба да ги искористите искуствата и да учите од нив. Единствено што можам да кажам е дека тие секогаш се однесуваа добро со мене, добро се однесуваа со сите нас и дека секогаш ќе им бидам благодарен”, вели Аргентинецот.
Еден од најкритичните моменти во минатата сезона беше елиминацијата на Бернабеу од Реал Мадрид.
„Тврдам дека ако фаулот над Донарума беше досуден, што сите го потврдивме откако ги прегледавме снимките, денес би разговарале за нешто друго. Инаку во ПСЖ сè е фокусирано на Лигата на шампионите и понекогаш тоа малку го одвлекува вниманието. Нивна опсесија е Лигата на шампионите и сето она што не е освојување на ова натпреварување е синоним за неуспех“, дополни Покетино.