Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, ќе сведочи на судењето по обвинувањата врз бразилскиот фудбалер Нејмар за корупција.
Компанијата ДИС поднесе тужба против фудбалерот на ПСЖ, неговите родители, поранешните претседатели на Барселона Хосеп Бартомеу и Сандро Росел, како и поранешниот директор на Сантос, Одилио Родригез за измама.
ДИС поседуваше 40% од правата за трансфер на играчот, кои ги стекна во 2009 година, на почетокот на подемот на Нејмар во Сантос. Компанијата тврди дека не ја добила сумата од бразилскиот клуб поради трансферот на Нејмар во Барселона и сега бара отштета во висина од повеќе од 150 милиони евра, а бара и 5 години затвор за играчот.
Флорентино Перез ќе биде еден од 18-те сведоци во случајот, кои ќе бидат сослушани од 17 до 31 октомври. Најверојатно шефот на Реал Мадрид ќе сведочи на 18 октомври.
Како дел од доказите, ДИС пред судот ќе го претстави и интервјуто со Перез од 2016 година, во кое тој изјави дека Реал Мадрид, исто така е заинтересиран за Нејмар, но ќе треба да им плати на сите носители на правата за трансферот на фудбалерот вкупно 150 милиони евра.