Македонскиот шампион Шкупи утре гостува во Даблин каде против екипата на Шамрок Роверс ќе се бори за место во плеј-оф фазата од Лигата на Европа. По елиминацијата од Лигата на шампионите, чаирчани се подготвени за новиот предизвик во двомечот со ирскиот состав.
Од Шамрок веќе потврдија дека за утрешниот меч со Шкупи нема да сметаат на својот најдобар фудбалер, капитенот Роберто Лопес, кој се уште отсуствува поради повреда. Сепак, тренерот на тимот Стивен Бредли за утрешниот дуел на располагање ќе има две нови имиња. Станува збор за последните засилувања за Шамрок, Даниел Клири и повратникот во Ирска, Сајмон Пауер.
Ирците веќе ја направија и анализата на играта на Шкупи, истакнувајќи дека чаирскиот состав е исклучително силен во одбраната, но му недостасува темпо во играта во напад.
„Тоа е областа во која мислам дека Шамрок Роверс треба да нападне. Го имаме Рори Гафни кој е искусен и знае да го поведе нападот, има добро темпо, и со втрчување одзади, треба да добиваме топки преку шеснаесетникот. Факт е дека Шкупи има искусна бековска линија, а тоа е областа што мислам дека Шамрок Роверс треба да ја заобиколи“, вели еден од аналитичарите на националниот телевизиски сервис на Ирска, кој го анализираше дуелот кој се игра утре од 21 часот.