Пролет ги стартуваше подготовките за новата сезона, во која целта ќе биде влез во плејофот, а потоа и борба за места кои водат во ракометна Европа. Првиот тим и во новата сезона ќе го води Алексо Лембанов, со што покрај во младите ракометари, доверба укажува и на млади ракометни стратези.
Нови ракометари се македонскиот репрезентативец Томи Јагуриновски, потоа повратникот во клубот Александар Василевски и црногорскиот голман Данило Михаљевиќ, кои беа дел и од денешниот прв тренинг. Со првиот тим сезонава ќе тренираат и ќе настапуваат и тројца кадетски репрезентативци на Македонија, кои по настапот на ЕХФ шампионатот за националниот тим ќе се приклучат на тимските подготовки.
Пролет утре заминува во Пехчево, а по враќањето во Скопје веднаш ќе следи и учество на турнир во Врање. Овој турнир ќе се одржи на 12 и 13 август, македонскиот тим ќе ги одмери силите со Динамо Врање и со Базел од Швајцарија.
Потоа тимот се враќа во Скопје, по што кон крајот на месецот ќе следи и учество на турнир во Охрид, на кој покрај домаќинот ГРК Охрид ќе учествуваат уште и екипите Тиквеш и на Партизан од Србија.