Во сабота со мечот Струга Трим Лум – Победа стартува новата сезона во ПМФЛ. За стружани ова ќе биде четврта сезона во нашата елитна лига и со право овој клуб, кој во минатите три сезони успешно си се промовира во ПМФЛ како еден од најстабилните, има високи амбиции. Доведени се повеќе квалитетни играчи, “костурот“ на тимот е задржан, доведен е еден Бесарт Ибраими, но и задржан тренерот Срѓан Захариевски.
Се разбира дека покрај спонзорот, како и првиот човек на клубот Арбтрим Ќира, за се ова заслужен е првиот “оперативец“ на Струга Трим Лум, спортскиот директор Бесарт Исаку.
За се она што може да се очекува во новата сезона, за амбициите, за новите имиња, за следните потези, специјално за „Спортмедиа“ говори токму Исаку.
„Како прво да кажам дека сите ние во клубот одработивме одличен преоден рок. Како прво го задржавме Срѓан Захариевски на тренерската клупа. Според мене тој е еден од најдобрите стратези во ПМФЛ, ако не и најдобар. Потоа го доведовме еден Бесарт Ибраими, најдобриот голгетер во историјата на ПМФЛ. Секако дека тука се Фатјон Јусуфи, Енис Гавазај, Хоган Укпа, Ведран Ќосевски, Зија Мерџани, да не заборавам некого. Се се тоа квалитетни фудбалери. Секако дека ќе следиме што се случува на трансфер – пазарот, а може да најавам уште една `бомба`, трансфер кој би требало да се реализира викендов. Исто така голема работа е што со повеќе играчи ги продолживме договорите“ потенцира Исаку.
Токму затоа тој вели дека оваа екипа на Струга Трим Лум има голем потенцијал, дека има намера да се бори за врвот на табелата.
„Секако. Имаме добар тим, квалитетен, она што го сакавме и го донесовме. Затоа велам дека Струга Трим Лум во новата сезона ќе влезе со големи амбиции, приоритет ни е излез во Европа, а ако ни се укаже шанса секако дека ќе се обидеме да се замешаме и во битката за титулата, да им ги помрсиме сметките на фаворитите Шкупи и Шкендија. Тоа се плановите и амбициите, се надевам дека голем дел од нив и ќе ги оствариме. Очекувам интересен шампионат, има тука неколку квалитетни екипи, но ние си ја гледаме нашата работа, не не интересира што прават останатите“.
Во изминатите три сезони одиграни во ПМФЛ, Струга Трим Лум беше една од оние екипи кои по секоја цена форсираше млади и талентирани момци.
„Верувајте дека така ќе биде и сега. Да не заборавиме дека Цаке и Шеји се промовираа кај нас, успеавме да направиме трансфери на играчи и надвор од нашата земја. Па така само ќе продолжиме со таа пракса. Ние сме клуб кој посебно вниманите посветува на работата на младите играчи, кој им дава шанса да го искажат сиот свој талент. На крај да кажам дека сите во клубот се радуваме што ете сезона ќе почне веќе викендов. Нестрпливи сме да го покажеме на дело се она што го работевме во изминатите два месеци. Очекувам успешна сезона за нас“ заврши Исаку.