ЛК: Шкендија со одлично реми од Стокхолм! (ВИДЕО)

614

АИК – Шкендија 1:1 е резултатот од првиот меч меѓу овие две екипи во рамките на 3.квалификациско коло во Лигата на Конференции. Нема што, одличен резултат за тетовци среде Стокхолм. Уште едно добро издание на Шкендија и тоа на гости кај силниот тим на АИК, па така патникот во следната рунда ќе се решава во Скопје за седум дена.

Хасани донесе водство за Шкендија уште во 26.секунда, додека АИК израмни преку Гвидети во 17.минута.

Не можевме да посакаме подобар почеток на мечот, не можеше ниту Шкендија. Имено се играше само 26.секунда кога дојде до еуфорија на оној дел од трибините на “Френдс Арената“ во Стокхолм каде беа фановите на Шкедија. Прво капитенот Ферхан Буба Хасани украде една топка а потоа рутински, како да е тоа најлесна работа во светот, ја затресе мрежата на АИК за водство од 0:1.

Се разбира дека тоа беше шок за домашниот тим, но бодрен од свијата фанатична публика, брзо се созема, па така во 17.минута по центаршутот на Ларсон, Гвидети, мора да се признае, со убав шут со глава израмнува на 1:1.

По тој гол домашните како да се осоколија, ја имаа иницијативата, имаа неколку добри акции, но сепак Шкендија максимално дисциплинирано одигра и успеа на крајот од првиот дел да дојде до добар резултат, до тие 1:1.

Добра Шкендија, одигра онака како што и се очекуваше, се разбира дека за нашиот тим и реми е добар резултат ако се знае дека реваншот од овој двомеч се игра во Скопје слдниот четврток.

ТАКТИЧКО НАДМУДРУВАЊЕ…

Првите минути од второто полувреме започна во израмнета битка. Сега и Шкендија настојуваше да ја има топката што повеќе во посед, да ја неутрализира таа напаѓачка стратегија на домашниот состав. Едноставно и двете екипи тактички се надмудруваа.

Интересно, уште во 52.минута Артим Шаќири го влече првиот потег, па така наместо Шаља, во игра го внесува Нафиу. Исто така прави и уштед една замена, место Решат во игра влегува неговиот брат Флорент Рамадани.

А во 66.минута комплетна смена на нападот на тетовци, Стојановски и Вагнер во игра влегоа место Гури и Дориев.

Во тој дел од мечот Шкендија се обидуваше да стори нешто повеќе, да игра со топка. Истото важи за домашниот состав, имаше акции, но резултатот и натаму гласеше 1:1.

Во таа 69.минута Цаке се закани,но домашниот голман интервенираше.

Захов уште еднаш покажа зошто е еден од нашите најдобри голмани. Се играше 73.минута кога Стефанели се најде сам пред нашиот голман, шутираше, но Захов на маестрален начин успеа да го спаси својот гол.

Браво Захов.

На ова врати Вагнер, но сега домашниот голман Нордфелд се истакна.

На крај 1:1, одличен резултат за четата на стратегот Артим Шаќири.

3.квалификациско коло во ЛК (прв меч)

АИК (ШВЕ) – ШКЕНДИЈА (МКД) 1:1 (1:1)

Френдс Арена“ во Стокхолм. Судија: Брам ван Дриеше (БЕЛ). Стрелци: Гвидети 17. (АИК), Хасани 1. (ШКЕ). Ж. Картони: Отиено, Колинс (АИК), Дита, Бејтулаи, Незири, Стојановски (ШКЕ).

АИК: Нордфелд, Колинс, Папаџијанопулос, Бјорнстром, Мендес (71. Мбунга), Ларсон, Ајари (71. Ринг), Хусеин, Отиено, Гвидети, Стефанели.

ШКЕНДИЈА: Захов, Мурати, Бејтулаи, Цаке, Незири, Дита, Р. Рамадани, Шаља, Хасани, Дориев (66. Вагнер), Гури (66. Стојановски).

ПретходноОФИЦИЈАЛНО: Ренато Санчез е ново засилување за ПСЖ
СледноНов удар за Нејмар, Мбапе, Меси…: ПСЖ забрани излегувања во ноќни клубови!