Легендарниот турски судија, Џунејт Чакар планира да и стави крај на судиската кариера. Тој лично ова му го соопштил на претседателот на турската фудбалска федерација, Мехмет Бујукеши, објави „Фанатик“.
45-годишниот Чакар добил понуди од странство, но е решен да заврши со судењето во својата татковина. Тој планира во иднина да се фокусира на обука на млади судии, а веќе работи како предавач на семинари. Турската федерација ќе се обиде да му обезбеди проштален натпревар за паметење, со оглед на тоа што стана најпопуларниот турски судија на фудбалските терени.
Чакар кариерата ја започна во 1997 година во третата турска лига. Во 2003 година стана судија на европските турнири, а три години подоцна доби значка од ФИФА. Беше судија и на две светски првенства.