Актуелниот освојувач на Лигата на Европа, Ајнтрахт (Ф) го пречекува Баерн (М) во премиерата на новата сезона во Бундеслигата која започнува вечерва. Според искуството од минатите сезони, Баерн (М) повторно е единствен вистински фаворит за освојување на титулата во бундеслигашкото друштво, додека останатите клубови можат само да се надеваат на факторот сензација за да успеат да го спречат баварскиот гигант да дојде и до 11-тата последователна титула во германската фудбалска елита.
Според една анализа која ја направи германската новинска агенција ДПА, дури 16 од 18-те клубови членови на Бунделсигата вероваат дека баварците и оваа година ќе бидат на врвот во лигата. РБ Лајпциг, Борусија (Д) и Баер Леверкузен се споменуваат како најсериозни противкандидати на Баерн (М), тимови кои заедно и со Борусија (М) би можеле да им ги пореметат сметките на шампионите да останат таму каде што се веќе 10 сезони по ред.
Минатата сезона пријатното изненадување беа екипи како Унион Берлин, Фрајбург и Келн, па останува да се види што ќе ни донесе новата сезона со премиерата вечерва од 20.30 часот на „Дојче Банк Парк“ во Франкфрут.