Време е за најдобриот фудбал: Лондонско дерби на стартот на Премиерлигата!

263

По релативно кусата летна пауза, денеска се враќа на сцена најгледаниот и можеби најомилениот фудбалски шампионат во светот – англиската Премиерлига. Во својата 31-та сезона, најсилното европско национално пренство влегува со досега одиграни 11.646 натпревари, со 50 различни клубови кои го вкусиле фудбалот во Премиер лигата, седум различни шампиони и нова глад за освојување на престижниот трофеј.

Новата фудбалска сезона се отвора вечерва во Лондон со градското дерби помеѓу Кристал Палас и Арсенал.

Покрај одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на лигата, и прекинот кој ќе биде направен поради претстојното Светско првенство во Катар, оваа сезона во Англија ќе биде посебна и по воведувањето на правилото за пет замени на натпревар, што ќе овозможи повеќе одмор за играчите и повеќе ротации за менаџерите.

Очекувањата на сите аналитичари е дека и оваа година големата битка за првото место ќе се води меѓу познатите ривали Манчестер Сити и Ливерпул. Минатата сезона „граѓаните“ на Пеп ја освоија титулата со само бод пред „црвените“ на Клоп, а неизвесноста беше зачувана се до последното коло. Минатата сезона, Челзи имаше добра сезона, но остана без директна битка со фаворитите за титулата. Клубот од Лондон сега има нов сопственик во лицето на Тод Боели, кој има амбиција да ги повтори успесите на Роман Абрамович. Сериозни амбиции за новата сезона имаат и големите ривали од северен Лондон, Тотенхем и Арсенал, кои минатата сезона водеа жестока битка за четвртото место. Манчестер Јунајтед кој забележа многу разочарувачка сезона, влегува охрабрен со доаѓањето на новиот менаџер Ерик тен Хаг.

Останува да се види каков е напредокот и на тимови како Вест Хем и Њукасл. Се на се не очекува една страшно возбудлива сезона која се отвора вечерва на „Селхрст Парк“.

ПретходноПочна 46. издание на Меморијалот „Чајка“
СледноЛегендарниот турски судија заминува во пензија