Македонската женска кадетска репрезентација изгуби од Исланд со 25:22 и со тоа не се пласира во четвртфиналето на Светското првенство. Вечерва во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, кадетките имаа шанса барем со реми против Исланѓанките да го осигураат второто место во групата меѓутоа не успеаа.
Од стартот на натпреварот Исланѓанките беа во постојано водство, а нашите ракометарки неколку пати стигнуваа но не и да го свртат резултатот.
На полувреме се отиде со 13:10 за противникот.
На стартот на второто полувреме иста слика, во еден момент Исланѓанките имаа и четири гола предност, а во тој момент нашите кадетки направија убава серија и стигнаа до еден гол негатива (19:18 и 20:19).
Некаде околу 50-тата минута атакувавме на израмнување, меѓутоа се случи најлошото сценарио, противникот не само што се одбрани туку се одлепи на 23:19 и со тоа ни ги намали шансите за пресврт.
До крајот ништо не се промени. Исланд го одржуваше водството и дојде до заслужена победа.
Во нашиот тим најефикасна беше Бојана Коцева со 6 гола од 6 обиди, Емилијана Ризоска се истакна со 4 гола од 8 обиди. Борјана Коцева даде 3, а по два Младеновска, Дусковска, Коловска и Јанкуловска.
Па така Шведска која заврши втора во нашата група ќе игра со Кореја во четвртфиналето, Исланд како првопласиран ќе се соочи со Холандија, а ние место за медали ќе разигруваме од 9-то до 12-то место.