Поради војната во Украина, ЦСКА Москва на Емил Рајкович беше исфрлена од елитното европско клупско натпреварување, исто како и Уникс и Зенит. Раководството на „армејците“ одлучи правдата да ја бара пред Европскиот суд во Луксембург.
Пресудата се очекува во следните неколку дена, а од таборот на ЦСКА се надеваат дека би можеле да бидат вратени во натпреварувањето.
„Секако дека сме загрижени што не учествуваме во Евролигата, но нема да плачеме. Следната година ја гледам како можност за млади играчи“, изјави во јуни за новинската агенција „РИА“ претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин.
Инаку, ЦСКА е еден од 11-те клубови акционери во Евролигата. Во осум наврати беше шампион на ова натпреварување, последен пат во 2019 година.