Пишува: Зоран Ѓоршоски
Денеска со мечот Струга ТЛ – Победа ќе стартува новиот шампионат во ПМФЛ.Ова ќе биде 31-та сезона во самостојна Македонија. Ова ќе биде необично првенство со оглед на тоа дека во него ќе учествуваат 11клубови, а се знае и зошто, Ренова во последен момент се откажа.
Секако дека најинтересно ќе биде во битката за титулата, а тука според играчкиот кадар, според буџетите, квалитетите и секако амбициите, се наметнуваат само две екипи.
А тоа се шампионот Шкупи и Шкендија. Екипите кои уште се во Европа со шанса да се најдат во групната фаза во Лигата на Конференции.
Знаеме лани како беше кога играа овие две екипи, просто се “тресеше“ фудбалска Македонија. Стратезите Гоце Седлоски и Артим Шаќири имаат квалитетни екипи, а кој ќе дојде до титулата, тоа ќе го видиме некаде во мај.
ПРЕДНОСТИ НА ШКУПИ:
-Секако Гоце Седлоски. Секоја чест за Шаќири, но тренерот на Шкупи досега покажал дека знае како се освојуваат титули, има искуство.
-Средниот ред. Се чини дека средниот ред на Шкупи е поквалитетен, има поголем ростер, тетовци тука се “тенки“
-Самодовербата, зошто се е поинаку кога си шампион,кога знаеш дека си најдобар.
ПРЕДНОСТИ НА ШКЕНДИЈА:
-Нападот. Да, Шкупи го има Сандеј, го има и Реналдо, но тетовци ги имаат Дориев, Гури,Стојановски, Нафиу, Вагнер, Хасани секако, Елези…
-Желбата и мотивот да се врати приматот во мак – фудбалот. По ланскиот неуспех Шкендија сака по секоја цена да се врати на прво место.
-Буџетот. Шкупи ова лето ја наполни клупската каса, но не смееме да заборавиме кој е спонзор на Шкендија. Тетовци во последните 8-9 години откако „Еколог“ е во клубот немаат никакви финансиски проблеми.
СТРУГА ТЛ, БРЕГАЛНИЦА, А.ПАНДЕВ, МАКЕДОНИЈА ЃП, РАБОТНИЧКИ…
Не е тајна дека од Струга ТЛ се очекува да биде веднаш зад двоецот Шкупи –Шкендија. Стружани го задржаа тренерот Захариевски, го донесоа Бесарт Ибраими и уште неколкумина и сега имаат одличен тим. Брегалница исто така има добар тим, подготвен да се бори за Европа. Не смееме да заборавиме на А.Пандев, Македонија ЃП и Работнички. Ова се тие пет тима, барем според нашата прогноза, кои би требало да борат за оние места кои водат во Европа. Што се однесува до Работнички овој клуб има драстично млад тим, но со враќањето на Велкоски, со опоравениот Алими, веројатно со ангажман на уште еден до двајца квалитетни играчи, ете го Работнички пак во битка за горниот дел.
ТИКВЕШ, СИЛЕКС, ПОБЕДА, СКОПЈЕ
Откажувањето на Ренова донесе и тоа дека само еден тим директно ќе испадне, значи оној што ќе заврши на 11.место, додека десетиот ќе игра бараж за опстанок со третиот од ВМФЛ.
Тиквеш и покрај најавите и желбите не успеа да донесе повеќе „звучни“ засилувања, па така тренерот Влатко Костов и оваа сезона ќе се мачи.
Силекс се врати во елитата, беше најактивен на пазарот, но нешто како да недостига. Тренерот Горазд Михаилов има солиден состав, но далеку е тој состав од нешто големо во ПМФЛ. На крај секако дека Победа со Бабунски и Скопје со Георгиевски ќе бидат означени како клубови на кои ќе им биде најтешко.
Но, нели, ова се прогнози, не мора да се остварат.
Уште една сезона без Вардар во ПМФЛ, без најтрофејниот, но тоа е веќе друга приказна, ќе биде раскажана кога ќе стартува Втората лига.
Денеска стартуваат елитните клубови во новата сезона, а Вардар не е меѓу нив.