Женската кошаркарска репрезентација до 18 години го заврши Европското првенство (ЕП) Б-дивизија во Софија, Бугарија, без победа. Денеска на последниот меч од разигрувањето за пласман, нашите јуниорки беа поразени од Норвешка со убедливи 78:49.
Освен во првата четвртина во која имавме водство од (11:9), се друго беше на страна на противникот. Особено квалитетно норвешката селекција одигра во вториот и во третиот период од играта во овој финален меч на турнирот. Михаела Алексовска постигна 15 и Мартина Маркоска која реализираше 10 поени, беа единствените во нашата женска јуниорска селекција со двоцифрен број на реализации на простувањето со настапите на ЕП од Дивизијата „Б“ кое го завршуваме на 18. позиција во конечниот редослед.