Најдобрата македонска кошаркарска репрезентација означи старт на подготовките за првите претквалификациски дуели за пласман на Европското првенство 2025 година. Под водство на новиот селектор, Александар Јончевски, националниот тим до 13 август ќе биде во Маврово, каде ќе работи на физичката подготвеност. Пред првите две средби со Данска и Словачка, Македонија ќе има тест мечеви со Црна Гора во Бар.
За овој циклус, ростерот ќе биде поинаков од последниот дуел со Украина дома. Се враќа Андреј Магдевски, кој поради повреда беше надвор од терените, а нешто подоцна ќе се приклучи и Ненад Димитријевиќ. Шанса за место меѓу најдобрите ќе добијат и кошаркари од У20.
Магдевски е среќен што се враќа во „црвено-жолтиот“ дрес. Тој, како и сите останати има една желба, да игра на едно големо натпреварување и да се прекине онаа долга лоша традиција.
„Среќен сум што се вратив во репрезентацијата. Добро е што ќе имаме доволно време да се подготвиме, немаме право на грешка, мора да одиграме максимално на сите натпревари. Патот до Европското првенство е тежок, но веруваме дека можеме да стигнеме до крај. Посакувам Македонија одново да игра на големо натпреварување.
Почнуваме од претквалификациите каде за противници имаме селекции кои не се наивни. За Данска нашиот прв противник немаме многу информации, но ако ги гледаме последните случувања во преквалификациите за СП, треба да ни биде јасно дека денеска сите играат кошарка. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави и најважно комплетни. Ни се приклучија кошаркари од помладата репрезентација, што пак е добро за нив“, изјави за СПОРТМЕДИА, Андреј Магдевски.
Македонија првиот меч го игра на 25 овој месец против Данска на гости, додека три дена подоцна ја пречекува Словачка на домашен терен, поточно во салата „Кале“ која доби „зелено светло“ од ФИБА.