Време е за историја, историја за Шкупи. Вистина е дека двомечот со Динамо во 2.квалификациска рунда во ЛШ беше претставен како историски па и поради сета онаа фама која ги носи балканските дуели, но вечерва се решава европската судбина на ШКупи. За тоа дали нашиот шампион ќе ја продолжи одисејата во Европа во плеј –офот во ЛЕ и ставање печат на најмалку пласман во групната фаза во ЛК или пак ќе мора да ја користи последната шанса за групната фаза и тоа преку плеј – офот во ЛК.
Се знае, ако го мине Шамрок, во плеј –офот во ЛЕ ќе игра против Карабах или Ференцварош. Ако пак не успее, е тогаш во плеј – офот во ЛК ќе игра против Балкани или Клаксвик.
Сепак, за тие математики подоцна,сега во преден план е реваншот со Шамрок. Во Даблин беше 1:3 за Ирците, неочекувано добар настап на Шамрок, а лош,посебно во првиот дел на Шкупи. Оној трет гол кој Шкупи го прими во 97.минута може да биде голем товар за момците на Седлоски, но тие вечерва треба да покажат на Националната Арена “Тодор Проески“ кој е кој, да покажат дека Шамрок не е некој тим кој не може да се победи со два-три гола разлика.
Јасно, од Шкупи се очекува агресија, напад и само напад. Логиката тоа го вели,веројатно така и ќе биде, но сепак треба да се биде внимателен, Шамрок Роверс на првиот меч покажа квалитет, не е тоа наивен тим, напротив.
Сите во Шкупи знаат што треба да се стори за да се дојде до ставање „печат“ на историски успех, па затоа вечерва од трибините потребна е и голема поддршка.
Инаку мечот започнува во 21 часот, главен судија ќе биде Алексеј Кулбаков од Белорусија, а поради црвениот картон во Даблин, во тимот на Шкупи нема да биде Хамиди.