Вечерва од 21 часот на Националната Арена “Тодор Проески“, нашиот шампион ќе го дочека ирскиот Шамрок Роверс во реванш меч од 3.квалификациско коло во Лигата на Ервропа.
Во Даблин беше 1:3 за Шамрок, значи на Шкупи, на момците на Гоце Седлоски им е потребна победа и тоа најмалку со два гола разлика.
Овој меч вреди 3,3 милиони евра. Имено толку е премијата од УЕФА за чаирчани за влез во групната фаза во Лигата на Конференции, а до нејзе се стига преку севкупна победа на Шкупи над Шамрок Роверс.
Да не говориме дека покрај оваа сума во касата на Шкупи ќе влезат и останатите шари кои досега се заработени.
Но овој вечерашен меч вреди 3,3 милиони евра, и затоа велиме дека вреди да се одигра најдобро што се може.
А ако се мине ова коло, тогаш Шкупи ќе игра во плеј – офот во Лига на Европа, но групната фаза во Лигата на Конференции ќе му биде загарантирана, најмалку.
Фактички Шкупи вечерва ја има втората од трите меч – топки за такво нешто. Првата беше со Динамо Загреб во квалификациите во Лигата на Шампионите, вечерва ќе биде втората, а третата и последна, ќе биде, ако вечерва не падне Шамрок, против Балкани или Клаксвик во плеј – офот во Лигата на Конференции.
Ова изгледа по малку замрсено, но така е.
Сега се е во рацете, поточно нозете на чаирчани. Шкупи треба да одигра одлични, да не кажеме перфектни 90 минути, а може и 120 за да дојде до најголемиот клупски успех во својата историја.
Веруваме дека Шкупи сака, секако и може да дојде до целта.
Цела фудбалска Македонија посакува такво нешто, нека скопски Чаир вечерва не спие од радост, нека еуфорично се радува.