Актуелниот европски првак Реал Мадрид вечерва на стадионот во Хелсинки ќе се соочи со освојувачот на Лигата на Европа, Ајнтрахт Франкфурт во пресметката за првиот трофеј во новата сезона – Суперкупот на УЕФА. „Кралевите“ го победија Ливерпул на „Стад де Франс“ и по 14-ти пат стигнаа до трофејот од Лигата на шампионите, па ќе ја имаат честа да ја отворат и новата евро-сезона, токму во меч со „германските орли“ кои по победата над Ренџерс на пенали на крајот на мај го освоија својот втор европски трофеј во историјата.
Реал и Ајнтрахт вечерва се среќаваат само вторпат во историјата. Првата и последна нивна досегашна пресметка беше во финалето на КЕШ во 1960 година, кога „галактикоси“ победија со 7:3.
За мадриѓани ова ќе биде осми настап во мечот за Суперкупот на УЕФА. Шпанците досега имаат четири победи и три порази на овие натпревари. Само Милан и Барселона имаат освоено повеќе вакви трофеи од Реал, по пет. Ајнтрахт, пак, дебитира во Суперкупот.
Реал Мадрид вечерва почнува со комплетниот ростер. Анчелоти на располагање ги има сите планирани фудбалери, клучително и дебитантите Антонио Ридигер и Орелен Чуамени. Затоа, пак, Германците имаат доста проблеми. Тренерот Гласнер веќе остана без дефанзивецот Жером Онгуен поради проблем со бутот, а Аурелио Бута се опоравува од операцијата на коленото. Во тимот на Ајнтрахт ќе го нема и Филип Костиќ кој својот последен натпревар за Франкфурт го одигра викендов, пред да се пресели во екипата на Јувентус.
МОЖНИ СОСТАВИ:
РЕАЛ: Куртоа; Карвахал, Милитао, Алаба, Менди; Крос, Касемиро, Модриќ; Валверде, Бензема, Винисиус
АЈНТРАХТ: Трап; Туре, Ндичка, Тута; Кнауф, Соу, Роде, Ленц; Геце, Камада; Боре