На местото лев бек во Е. Пелистер ново име е Французинот Руди Сери кој ова лето дојде како засилување. Тој за првите впечатоци и импресии, за тоа како се снаоѓа во Битола и во новиот клуб, покрај другото истакна:
„Одлично ми е тука. Добро сум прифатен во градот и во клубот. Градот е прекрасен, веќе гостував тука како противник и сега сум задоволен што ќе живеам во Битола. За мене ново искуство е тренер кој говори англиски и екипа која комуницира на повеќе јазици во соблекувалната“ посочи Сери.
Новиот член на Е. Пелистер истакна дека напорно се работи:
„Напорно работиме, можеби малку повеќе од другите екипи, но имаме многу новајлии и по три недели работа нестрпливо ги чекаме натпреварите. Пасијата на луѓето по ракометот тука е нешто ново за мене. Еднаш гостував со Бидасоа Ирун во Битола и бев импресиониран од амбиентот во салата. Поинаков е клубот и градот од француските и шпанските, но тука сум да научам и да се привикнам на македонскиот стил“.
Инаку Сери е роден на 02.04.1994 во Париз. Досега во својата кариера настапувал за екипите на Селестад (2011-2017), Бидасоа Ирум (2018-2020) Сесон Рен (2020-2022), а во Е. Пелистер има договор до 2024 година.