Македонската машка кадетска репрезентација со победа го отвори Европското првенство А Дивизија кое се одржува во Скопје, откако по голема драма ја совлада Црна Гора со 62-69.
Првото полувреме најавуваше лесна победа за „црвено-жолтите“, кои по 12-15 во првата четвртина, одиграа на врвно ниво во следните десет минути. Набрзина на стартот на вториот период поведоа со плус 17 (16-33). Македонија доминираше беше далеку подобар противник на теренот, но по позитивата од 26-38 на полувремето, сликата се промени.
Црна Гора успеа да се врати на дуелот, вториот период го доби со 22-13. Падна ритамот во нашиот табор, противникот се доближи на 44-46 во 28 минута. Стојковиќ и Зетов не дозволија да се случи целосен пресврт, ги разбудија останатите момци.
Во последните решвачки десет минути, Македонија влезе со плус два 48-51. Црна Гора отвори со 8-2 за водство од 56-53 во 32 минута. Ќириловски и Луканоски со четири поени во низа зголемија на 56-57 за голема драма во СЦ „Кале“.Противникот дојде на нови плус три, но нашите момци не се предадоа. Зетов на 30 секунди до крајот постигна важна тројка за 62-66 и го отвори патот кон триумфот.
Македонија утре во ист термин го игра вториот меч, за противник ја има селекцијата на Грција.