Ндерим Неџипи, некогашниот репрезентативец на Македонија, екс фудбалер на Слога Ј (Шкупи), Вардар, Работнички, Шкендија, фудбалер со богата интернационална кариера, веројатно најталентираниот фудбалер кој се родил во Чаир има интересна приказна.
Имено сега Ндерим е спортски директор на Балкани, тимот од Косово кој му стои како пречка на нашиот Шкупи за влез во групната фаза во ЛК.
Мечевите се играат на 18 и 25 август.
“Спортмедиа“ успеа телефонски да разговара со Ндерим,кој заедно со својата екипа уште беше на Ф. Острови по онаа синоќешна трилер средба со Клаксвик.
„Уф, во право биле оние кои велат дека животот пишува романи. Замислете сега во плеј – офот од ЛК мојот сегашен клуб Балкани против мојот матичен клуб Шкупи за влез во групна фаза. Нешто што ни во сон не можев да помислам дека ќе се случи. Да може некако и двете екипи да се најдат таму каде што заслужуваат, но знам дека има само едно место. Видете, Чаир е мојата љубов, таму израснав, таму ги почнав првите фудбалски чекори. Не ми е сеедно, но сега сум во Балкани, професионалноста пред се кај мене е изразена. Така и треба да биде, никако поинаку“ вели Ндерим специјално за „Спортмедиа“.
Тој како спортски директор мина три години во Кукс (Албанија), но по наговор на новите газди во Балкани, минатото лето ја презеде одговорната функција во клубот и веднаш освоена е прва титула.
“Балкани е клуб со долга традиција, но никогаш не играл во елитните лиги. Пред три години на чело на клубот дојде познат бизнисмен и се тргна во позитивна насока. Горд сум и на мојата работа, прва година во Балкани и веднаш титула. Ова лето го имаме и првото излегување во Европа. Сега се бориме за влез во групна фаза. Подобро и не можеше. Тренер е Илир Даја, еден од најдобрите стратези во Албанија и јас го донесов во зимскиот преоден рок, а негов помошник е нашиот Артим Положани. Се радувам што во вторник доаѓам во Скопје, пред нас се два меча за вистинско фудбалско уживање“ заврши Неџипи, детето од Чаир.