Фудбалерите на екипата на Вадуц вчера го направија најголемото изненадување во европскиот клупски фудбал досега, откако успеаја да го елиминираат турски Коњаспор и да се пласираат во плеј-офот од Конференциската лига на УЕФА. Вадуц е единствениот второлигашки клуб кој се натпреваруваше во оваа фаза од европските купови и кој сензационално успеа да се пласира на чекор до групната фаза од третото по ранг европско клупско натпреварување.
Составот од Лихтенштајн за волја на вистината настапува во швајцарскиот систем на натпреварување каде е член на Втората лига, а пласман во европските купови како и останатите преставници на Лихтенштајн бара преку настапот во нивниот Национален куп. Така и оваа година фудбалерите на Вадуц се изборија за европски настап, па досега покажаа дека во фудбалот денеска, изненадувањата се „добро утро“. Сензацијата да биде поголема, е и фактот што Вадуц доаѓа од држава со 38.127 жители, кои синоќа комплетно можеа да се сместат на стадионот на Коњаспор со капацитет од 42.276 места. Ако во плеј-офот Вадуц успее да му го земе скалпот и на тимот на Рапид Виена, тогаш ќе стане првиот тим од Лихтенштајн кој се квалификувал за групната фаза во едно континентално натпреварување!