Време е за домашна сцена за фудбалерите на Шкупи.Иако се во “игра“ за пласман во групната фаза во Лигата на Конференции, денеска тие мора да се свртат со мислите кон домашниот шампионат. Минатата недела во 1.коло чаирчани го одложија мечот со Тиквеш, па затоа тие фактички сезоната ја стартуваат со 2.коло и дербито со Македонија ЃП. Натпревар кој се игра денеска од 17 часот.
Меч кој секако дека е дерби на колото, а и меч со кој Шкупи ќе ја започне одбраната на титулата.
„Гостинскиот тим има одлични фудбалери,секако дека нема да биде лесно. Ние максимално се подготвувавме за овој натпревар и сакаме да ја започнеме сезоната со победа“ вели Блертон Шеји,левиот бек на Шкупи.
Инаку од клубот информираат дека за денешниот меч со “лавовите“, за гледачи ќе биде пуштена само старата трибина, со оглед на тоа дека на новата се извршуваат градежни работи.
И ЗА “ЛАВОВИТЕ“ ОВА ЌЕ БИДЕ ПРВ МЕЧ
Исто така и за Македонија ЃП ова ќе биде прв меч сезонава. Тие на стартот беа слободни, имаа доста време да се подготват за тоа што ги чека на Чаир, па се очекува момците на стратегот Муарем Бајрами да покажат што знаат против шампионот на Македонија.
Се разбира дека ова скопско дерби за Бајрами одново ќе биде исполнето со емоции, ако се знае дека тој е “дете“ на Чаир, дека најголем дел од играчката кариераја мина во Шкупи, но и дека беше и тренер на чаирчани. Сега посакува победа на “лавовите“.