Прв меч во новата сезона и прва победа за Шкупи, шампионот на Македонија и тоа со резултат од 2:1, со головите на Трапановски и Реналдо, додека гостите преку Скендери во 87.минута успеаја да го ублажат поразот.
Ова секако дека е добро „загревање“ за Шкупи за тоа што го очекува во четврток, за првиот меч од плеј-офот во Лигата на Конференции.
Ако во првите 45.минути се играше без многу ризик, со речиси ниту една шанса, во второто полувреме четата на стратегот Гоце Седлоски покажа сила. Посебно Шкупи доби сила со влегувањето на Трапановски. Чаирчани доминираа, создаваа шанси а резултатот беше отворен во 67.минута кога со убав шут со глава по центаршутот на Алварез од корнер, од тешка ситуација успеа да ја затресе мрежата на „лавовите“ во ова скопско дерби.
Потоа се беше полесно за Шкупи, Македонија ЃП едноставно немоќна да дојде до подобар исход на овој натпревар. Да кажеме дека и пред тој гол домешните имаа неколку шанси, посебно оние на Хамиди и Реналдо.
Овој вториот успеа во 70.минута да постигне гол по супер центаршутот на Брдаровски, на кого не му беше тешко на напаѓачот од Јамајка да постигне убав гол за 2:0.
Сепак ова не беше крај, имено “лавовите“ во финишот тргнаа на се или ништо и во 87.минута Емир Скендери успеа да намали на 2:1, за интересен и возбудлив финиш.
Ова три бода значат дека Шкупи со триумф тргна во одбрана на титулата.