По две одиграни кола на Европското првенство А Дивизија кое се одржува во Скопје, Македонија има победа и пораз. Вчера нашите надежи беа убедливо совладани со 44-74 од Грција, лидерот во групата Д.
Денеска „црвено-жолтите“ ќе имаат шанса да се вратат на победничките патеки, но и во следната рунда да одат од втората позиција на табелата. Шпанија е следен противник. Оваа репрезентација во други генерации е фаворит, но во Скопје до сега „фуријата“ не покажа квалитет. На стартот беше исто убедливо совладана од Грција, а вчера на сметка на очајната Црна Гора дојде до првата победа.
Токму ваквата игра на Шпанија не ја става Македонија во подредена улога, време е момците да покажат дека не случјано го носат дресот на својата држава, имаат желба и најважно се големи борци. Останува нивниот тренер, Апостолски Лечиќ да ја подготви победничката тактика за денешната средба, а неговите момци да ги намалат изгубените топки, кои вчера ја стигнаа бројката од 30, но и да го подигнат шутот за реализација од линијата за слободни фрлања.
Дуелот меѓу Македонија и Шпанија е закажан со почеток во 18:45 часот во салата “Кале“.