Одлична вечер за македонските репрезентативци на 100-тото вечно дерби во Хрватска меѓу Динамо (З) и Хајдук. Адеми и Атанасов постигнаа по еден гол, Ристовски одигра 90 минути, на крајот Динамо ги освои бодовите. Пред „модрите“ од „Максимир“ сега е мал период за одмор, затоа што веќе во вторник гостуваат во Норвешка против Бодо во еден од двата меча кои можат да ги однесат во групната фаза од ЛШ.
Нашиот репрезентативец Адеми по мечот синоќа истакна дека погодокот со кој динамо направи пресврт на мечот му е еден од најдрагите во дресот на хрватскиот првак.
„Нема време за славење. Имаме веќе во вторник меч за Лига на шампиони. Ова е најдобрата наша средба оваа сезона, го надигравме Хајдук и заслужено славевме. Беше тешко по првото полувреме. Немавме избор, тргнавме уште посилно и направивме пресврт. Мислам дека можеше да биде и поубедливо. Ова е еден од моите најдраги голови, особено затоа што дојде на 100-тото вечно дерби“, вели Адеми по вчерашната победа од 4:1 над екипата на Хајдук во рамките на 5. коло од хрватскиот шампионат.