Коментар на 2.коло: Секоја чест за А. Пандев, ама “СЕКОЈА ЧЕСТ“ и за судијата Пилешков!

1508

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Не паметиме Работнички, еден од нашите најтрофејни и најголеми клубови, кога доживеал таков дебакл, таква катастрофа од пораз како вчера, кога А.Пандев успеа да победи дури со 0:5.

Заслужено, без никаква дамка струмичани победија, тука нема збор. Исто така нема збор за тоа дека Работнички не беше на своето ниво, посебно во одбраната, таа беше очај.

Сепак треба да се знае една работа, а “Спортмедиа“ уште вчера на полувремето објави дека судијата Димитар Пилешков драматично и драстично го оштети домашниот состав, а тоа денеска го потврди и Судиската комисија во својата официјална судиска анализа.

Факт е дека на 0:2 Пилешков не досуди два чисти пенали за Работнички. Затоа ова „СЕКОЈА ЧЕСТ“, имено и во двата случаи тој беше во близина, посебно по она играње со рака, ја виде целата ситуација, но неговата свирка остана нема.

Просто неверојатно, како можеше…

На 0:2 и два пенали за домашните, работите можеби ќе се свртеа во корист на Работнички, А. Пандев веројатно пак ќе победеше, но којзнае…ако беше 2:2 е тогаш работите секако дека ќе беа поинакви.

Секако дека не сакаме да го намалиме триумфот на А. Пандев или пак да ја оправдаме катастрофата на Работнички, но…

ОВАА СТРУГА ТРИМ ЛУМ НЕ “ФЕРМА“ НИКОГО

И дефинитивно Струга ТЛ покажува дека оваа сезона има тим за високи дострели. Јасно е дека Шкупи и Шкендија сеуште се во предност, но оваа Струга ТЛ, посебно по вчерашниот триумф во Штип, едноставно се заканува, покажува дека не “ферма“ никого. Штипјани може да “плачат“ колку што сакаат, а судиската анализа покажа дека не биле во право, но Струга ТЛ заслужено победи и сега од врвот на табелата ги мерка сите свои ривали.

Нема сомневање дека стружани и тоа како ќе “прават проблеми“ во битката за врвот.

Шкендија не го победи Силекс, но тоа не е сензација. Имено ако се знае што им се случи на тетовци во четвртокот, кога на пенали испаднаа од Европа, тогаш Силекс требаше да биде само мудар и паметен и да дојде до добар резултат. А Силекс беше мудар и паметен.

Тиквеш очекувано победи во Прилеп, сепак Влатко Костов си ја знае работата и покрај фактот дека има, по имиња, послаб тим од лани. На Бобан Бабунски ќе му биде тешко, Победа нема тим, има фанови, Прилеп е фудбалски град, има се што треба само нема квалитет. Ете ти проблем.

И на крај победа на Шкупи во „Суперкупот“. И тоа тешко, на мускули, а ако не беше Трапановски тешко дека Чаир ќе славеше против Македонија ЃП.

Првите две кола, иако сеуште не е комплетирано првото, покажаа дека не очекува супер интересен шампионат во ПМФЛ.

Штета што ја нема Ренова…

ПретходноДа се смират тензиите: Галтие свикал состанок со Мбапе и Нејмар!
СледноФК Работнички со жестока реакција: Скандалозно судење на Пилешков!