Иако имаше голема желба да остане во Бундеслигата и тоа во тимот на Шалке со кој успеа минатата сезона да избори пласман во екипата, Дарко Чурлинов е на чекор до потпис со англискиот второлигаш Барнли.
22-годишниот македонски репрезентативец денеска пристигнува во Англија каде треба да ги мине задолжителните лекарски прегледи пред да стави потпис на договорот со англискиот состав. Спортскиот директор на Штутгарт, Свен Мислинтат вели дека тие се задоволни од договорот со Барнли според кој ќе добијат основен надоместок од околу 3,5 милиони евра, кој може да се зголеми на околу пет милиони евра преку различни бонуси.
„Разговорите се исклучително напреднати“, потврдува Мислинтат. „Сметаме дека тоа ќе доведе до имплементација на договорот. Има уште неколку бирократски и организациски работи што треба да се направат. Завршувањето треба да се пријави до средината на неделата“, потврдува спортскиот директор на Штутгарт.