Пелистер денес го започнува својот настап на јубилејниот педесетти турнир во Струга. Низ историјата трофејот од овој турнир дванаесет пати завршувал во корист на битолскиот тим, кој ќе допатува во едно поинакво „руво“.
„Возбудени сме што ќе гостуваме во Струга. Од моите пријатели слушнав дека се работи за квалитетен турнир со долга традиција. Доаѓаат многу добри тимови и тоа е одлично за нас. Ни треба таква силна конкуренција да ја воиграме екипата пред натпреварот против Мешков Брест. Се бориме со времето, бидејќи немаме многу време. Очекувам од натпревар во натпревар во Струга да бидеме подобри и само подобри. За мене важен е напредокот, а не финалниот пласман.
Сите екипи се квалитетни и сите ги респектираме. Но, ние нема да мислиме на нив, туку само на нас и на воигрувањето. Имаме многу нови играчи и веројатно ќе ни треба време да дојдеме до вистинскиот Пелистер“, изјави Ларс Валтер.