Вториот ден на меѓународниот турнир во Струга го отворија Алкалоид и Целје. Победник од оваа интересна пресметка беше Целје, во драматчна завршница славеше со 28-29. Словенечкиот тим вчера лесно мина со Бутел Скопје, но денеска наиде на голем отпор. Кирил Лазаров и неговите момци одиграа нов одличен натпревар, покажаа дека во новата сезона во Супер-лигата ќе бидат незгоден противник.
Целје отвори подобро по изедначената игра на стартот поведе со 10-6, но Алкалоид се врати, намали на 10-9, па 13-14 и пред крајот на првото полувреме поведе со 15-14. На другата страна противникот во последната секунда се избори за 15-15. Во последната минута двајцата тренери, Кирил Лазаров и Алем Тоскиќ заработија црвен картон.
Ракометарите на Алкалоид влегоа одлично во дуелот дојдоа на плус три 19-16 во 36 минута, имаа 21-18 и 22-19, а пропуштија две шанси за плус четири. Казната дојде, Целје со два гола во низа 22-21 во 44 минута. Стојковиќ со гол во празна мрежа зголеми на 24-21, минута подоцна наместо плус четири, Целје израмни на 24-24 во 51 минута. Дуелот влезе во неизвесна завршница, се играше гол за гол.
Словенечкиот тим казни две грешки на македонскиот состав поведе со 26-28 во 57 минута. Ракомертарите на Алкалоид не се откажаа, напротив со два гола во низа израмнија на 28-28 во последната минута. Целје од седум метри погоди за победа од 28-29, на другата страна Серафимов не успеа да го совлада противничкиот голман.