Некогашниот младинец на Вардар и еден од најталентираните наши млади фудбалери во моментов, Бесар Гуџуфи вчера и официјално потпиша професионален договор со тимот на Бешикташ.
Досега тој беше дел од младинскиот погон на овој тим, и се чекаше неговото полнолетство за да може и официјално да потпише професионален договор. Тој е во Истанбул веќе една година и фудбалски одлично напредува. Играше мечеви за младинскиот тим, а сега ќе има и официјално право да биде дел и од првиот состав.
Со потпишуњето на договорот, автоматски се активираат и обврските кои Бешикташ ги има кон сега веќе поранешните клубови на Гуџуфи, Вардар односно Беласица.
Тој е дете на Вардар, и најголемиот дел од неговата досегашна кариера ја мина во младинските категории на овој клуб. Беше најдобар стрелец, стигна и до статусот на младински репрезентативец, па нормално е што Вардар наплати за неговиот трансфер.
Спортмедиа дознава дека Вардар добива 125.000 евра на своето конто на име на тренинг компензација, која според правилата варира и од тоа колку играчот има минато во дресот на клубот, но и од статусот на клубот кој го купува. Со оглед на фактот што Бешикташ е клуб од највисок ранг, нормално е што и тренинг компензацијата е висока.
Не само Вардар, туку и Беласица, клубот каде што Гуџуфи мина краток период пред да замине за Турција, исто така на име на надокнада ќе добие одредена сума на пари.