Во четврток, и официјално стартува Европското првенство Дивизија „Б“ за кошаркарки „Под 16“ години, домаќин е Црна Гора.
Вкупно 19. селекции, меѓу кои и Македонија, во десет натпреварувачки дена (18-27. август) ќе се обидат да дојдат до што подобри позиции на шампионатот, а најдобрите три да обезбедат промоција во „А“ сегментот од оваа кадетска женска конкуренција.
Нашите девојки се дел од групата „А“ во која се уште и националните тимови на Србија, БиХ, Холандија, и Ирска. Прв противник на овој шампионат е Србија.
„Селекцијата составена од кошаркарки родени 2006/2007, повеќето од нив се 2007 во овие триесетина дена одработени за време на подготовките, како и четирите контролни натпревари, покажаа карактер и дека сакаат, дека се подготвени да се борат за националниот дрес. Овие 12 девојки ќе се обидат да се покажат во најдобро светло. Ќе се обидеме да извадиме максимум и покрај тоа што во Подгорица допатувавме ослабени, со неиграњето на Ања Начевска, која не успеа да ја санира повредата. Таа е една од нашите најперспективни кошаркарки родени 2007 година и ќе биде навистина хендикеп за нас. Честа да се бранат боите на Македонија е голема, затоа и играчите и стручниот штаб ќе се фокусирани на прикажување на што е можно добри игри, и максимално користење на квалитетите на секој поединец кој е дел од оваа наша национална селекција“, изјави селекторот Горан Даниловски.