Во дуел во кој тимот на Скопје речиси еден час играше со два играчи помалку, тимот на Шкендија ја оствари првата победа сезонава со конечни 2:0. На стадионот во Струга, каде што тетовци ги играат засега домашните мечеви, дуелот против Скопје требаше да има сосема поинаков тек но одлуките на судијата Марјан Стојановски од Кичево директно го одредија текот на мечот.
Водството на Шкендија дојде во шестата минута во која Вагнер изведе еден слободен удар, а Христијан Кировски во обид да расчисти ја зафати топката која одседна во голот на Ефремов. Потоа, Шкендија продолжи да атакува и да бара втор погодок, а Вагнер во главна улога и во 33. минута. Избега во една контра, Гордијан Христовски стартуаше врз него, а судијата Стојановски оцени дека тоа било гол шанса, и му покажа директен црвен картон. Неколку минути подоцна Кировски најпрво за приговор, а потоа и за прекршок на два пати доби опомена во вид на жолт картон, што значеше и автоматско исклучување. На тој начин во 37. минута, Скопје остана со девет играчи што значеше дека шансите за поволен нивен резултат на овој дуел се сведоа на минимум.
Во вториот дел, Скопје се бранеше со сите сили, Дориев центрираше од десно во 62. минута и на вториот дирек го погоди Сабит Биљали кој реализира за 2:0. Следуваше само рутинско одработување на преостанатите половина час од овој дуел во кој Шкендија со „маалски“ жаргон одигра „Викторија“ пред голот на Скопје, и само непрецизноста и тој недоречен последен пас во неколку наврати не направи Шкендија на овој дуел не победи со поголема разлика.