По цели пет децении историја и традиција, Арсими од с.Чегране успеа да влезе во Втората лига и во новата сезона, која стартува веќе в сабота, да се натпреварува со познати и големи клубови како Вардар, Пелистер, Гостивар, Беласица, Охрид…
Се разбира дека тоа за сите во клубот е голем предизвик, а посебно за самите фудбалери и луѓето од стручниот штаб на чело со Бујар Ислами, тренерот кој пред две сезони успешно ја предводеше Ренова и за последен пат ја однесе во Европа.
Па така Ислами за „Спортмедиа“ отворено говори за овој прв и историски меч за Арсими, но и за амбициите на клубот во ВМФЛ.
„И да сакавме подобро отворање на сезоната, која за нас во клубот е историска, не можевме да добиеме. Ни доаѓа Вардар, најтрофејниот клуб во Македонија и верувајте цел Полог е на нозе. Се спрема спектакл, во сабота на стадионот на Арсими во Чегране ќе има околу 4.000 гледачи. Интересот е голем. Инаку да кажам дека Арсими е сериозен проект, станува збор за клуб кој досега никогаш не играл во втората лига и сега ќе го има своето деби, и веднаш Вардар. Првата сезона сакаме да го етаблираме клубот во Лигата, да бидеме најмалку некаде околу средина на табелата, да го подигнеме клубот и организициски пред се, па потоа во наредните сезони да одиме скалило погоре. Верувајте Арсими ќе биде домаќин како што треба, секој кој што ќе дојде овде да игра ќе се чувствува како дома“ вели Ислами.
Тој за Арсими вели дека овој тим има квалитет, екипата е во создавање, и дека ќе биде тврд орев за сите во лигата.
„Имаме квалитет. Ангажиравме неколку играчи од Ренова, потоа тука е Гафури, има уште неколку новаци, можеби ќе се засилиме со уште некој. Видете, оваа лига ќе биде и тоа како квалитетна. Јас сметам дека Вардар, Гостивар, Пелистер се тие фаворити за врвот на табелата, но не смееме да заборавиме и на Беласица, Воска и останатите. Ќе биде супер интересен шампионат, а и ние си имаме свои амбиции“ вели стартегот на Арсими.
Рековме веќе, во сабота гостува Вардар, дали Арсими е подготвен да се надигрува со вардарци кои оваа сезона по секоја цена ќе одат на првите две места.
„И претходно напоменав. Вардар овде го чека спектакл за наши услови. Тоа ќе биде фудбалска фешта што се вели. Јасно е дека го почитуваме и респектираме гостинот. Сепак ние веќе подолго време се подготвуваме за овој меч, и технички и тактички и психолошки. Имаме и искусни играчи кои веќе играле вакви натпревари. Верувам дека тоа ќе биде фантастичен натпревар а ние ќе се обидеме да дојдеме до добар резултат“ изјави за „Спортмедиа“ стратегот на Арсими, Бујар Ислами.