Очекувано, дуелот меѓу Е.Пелистер и Татран Прешов мина во изедначена битка. И двата тима стартуваа со победа, а втората радост на меѓународниот турнир ја запиша македонскиот тим, кој славеше со 25-24 и се најде на чекор до финале, последна пречка е АЕК. На оваа средба Пелистер може да загуби минимално и да се најде во битката за трофејот.
Со пет погодоци најдобар беше Руди Сери, четири гола даде Пешевски, а по три Хосни и Радовиќ. Кај Татран Прешов, Оливер Рабер запиша осум гола.
Битолчани поведоа во 20 минута со 8-6, имаа и 9-7 и 10-8. На одморот македонскиот вицепрвак замина со минимални 11-10.
Иста слика беше и во второто полувреме, се играше гол за гол, се чекаше еден од тимовите да направи грешка за да се „одлепи“ резултатски, но тешко одеше. Татран дојде на 19-20, но на другата страна Пелистер брзо се врати, дојде на плус два 22-20 во 52 минута, два од нив беа на празна мрежа, противникот играше „седум на шест“.
На три минути до крајот Кизиќ одбрани, по голот на Танкоски за 24-23, битолчани не искористија напад за плус два. Давидовиќ израмни на 24-24 за драма во последните две минути. Сери со петтиот погодок го доближи својот тим до триумфот (25-24). Кизиќ го одбрани нападот на противникот за изедначување за мирен финиш и втора победа.
Претходно, Струга го запиша вториот пораз, откако беше совладан од АЕК со 15:30.