Дури 45 натпревари од новата НБА сезона ќе се играат во „европски термини“

211

По зголемувањето на гледаноста на натпреварите од НБА лигата ширум Стариот континент, Блискиот Исток и Африка, Лигата одлучи во следната сезона дури 45 натпревари од регуларниот дел да се играат во ударент термин за гледачите во Европа, в сабота и недела.

Претстојната сезона ќе ја одбележи десеттата последователна НБА сезона во која ќе се емитуваат натпревари во прајм-тајм во викендите во Европа, Блискиот Исток и Африка. Првите натпревари ќе започнуваат веќе во 18 часот.

„Закажувањето натпревари за време на викендот за навивачите во Европа, Блискиот Исток и Африка е клучна компонента на нашите напори да ја направиме радоста од гледањето кошарка во НБА подостапна за обичните и тврдокорните навивачи“, објасни Мет Брабантс, потпретседател на НБА и шеф на меѓународни партнерства.

Покрај гореспоменатите средби, оние кои исто така ќе се емитуваат во ударниот термин ќе се играат ден по Денот на благодарноста во Америка (25 ноември), на Денот на Мартин Лутер Кинг (16 јануари), како и на последниот ден од регуларната сезона (9 април). Интересно е и тоа што во ударниот термин ќе се пренесува и НБА натпреварот кој ќе се одигра во Париз на 19 јануари 2023 година.

Во текот на сезоната 2021/2022 (редовна сезона и плеј-оф), беа емитувани рекордни 56 натпревари во европски термин. Инаку, новата сезона започнува на 18 октомври, а регуларниот дел завршува на 9 април 2023 година.

ПретходноЛидерот во светскиот рели-шампионат доживеа несреќа во Белгија (ВИДЕО)
СледноСтруга 2022: Бутел и Алкалоид поделија по бод