Битката за петото место на меѓународниот турнир во Струга му припадна на АЕК, кој го совлада Алкалоид со 29-26. Грчкиот тим беше подобар противник во поголем дел од мечот од младите ракометари на Кирил Лазаров, искуството на оваа средба на крајот се покажа како пресудно.
АЕК поведе со 4-1 на стартот, на другата страна Алкалоид дојде на минус еден 4-3, но противникот нешто подоцна поведе со 10-6. На одморот беше 16-13.
Македонскиот состав не се откажа, во вториот дел изедначи на 18-18. Добро се држеа ракометарите на Алкалоид, но во еден момент паднаа, па на другата страна Грците дојдоа на плус пет (26-21). Ова водство беше доволно за АЕК за мирен финиш.
За младите момци на дебитантот во супер-лигата ова ќе биде големо искуство пред сатртот на новата сезона.
Претходно Бутел Скопје го совлада составот на Струга со 26-24 во натпреварот со за седмото место.
Во 19:15 часот следува мечот за третото место меѓу Вардар и Татран Прешов, додека по оваа средба Пелистер и Целје ќе се сретнат во дуелот за трофејот.