Шпанскиот фудбалер Сеск Фабрегас ова лето го напушти Монако и како слободен фудбалер му се приклучи на италијанскиот второлигаш Комо. Некогашниот ас на Челзи, Арсенал, Барселона одлучи на залезот на кариерата да игра за Комо од истоимениот град кој е во близина на Швајцарија и покрај прекрасното езеро каде што луксузни вили имаат и холивудски актери.
„Одлучив да играм за Комо поради интересниот проект кој ми го претставија. Тоа е клуб во развој, игра на добро ниво, ќе живеам во убав град, ќе бидам акционер во клубот. Мислам дека мојата фамилија овде е релаксирана, блиску сме до Швајцарија, дечињата ќе учат во швајцарско училиште. Тука ќе се подготвувам за тренер“, откри Фабрегас.