По две одиграни кола екипата на Интер има две победи и гол разлика од 5:1. Во првото коло „нероаѕурите“ го победија Лече со 2:1 во гости, а во саботата славеа над Специја со 3:0 на својот „Сан Сиро“, па така гол разликата моментално е 5:1.
Минатата сезона Интер не успеа да ја одбрани титулата, а во новата сезона ќе се обиде да ја врати во своите витрини, засилена со неколку играчи меѓу кои и напаѓачот Ромелу Лукаку кој беше најдобар голгетер пред да замине во Челзи.
„Ова беше многу добар настап, бевме целосно концентрирани и можевме да постигнеме повеќе голови по малку напнатите воведни 15 минути. Специја ги доби последните два натпревари помеѓу Серија А и Купот на Италија, па знаевме дека тие можат да ни направат проблеми“, рече Инзаги кој посочи колку голови очекува од својата екипа сезонава.
„Го имаме Лукаку и повеќе опции во нападот. Среќен сум што имам четворица одлични напаѓачи на располагање и моја работа е да го направам вистинскиот избор. Се надеваме дека ќе стигнеме до 100 гола оваа сезона во Серија А“, порача Инзаги.
Идното коло Интер ќе го игра дербито со Рома.