Коментар на 3.коло: Струга ТЛ си “гази“, Силекс позитивно изненадува, “Мојсов – ШОУ“ во родното Кавадарци!

1114

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Струга Трим Лум си “гази“. Трет меч, трета победа и гол разлика 6:1, освоени сите 9 бода и се разбира стружани се лидери по 3.коло во ПМФЛ. Апсолутно заслужено. Четата на стратегот Срѓан Захариевски има квалитет, знае како треба, и кога против себе има жилав противник како Работнички вчера, знае како треба да одигра да дојде до победата.

Работнички резултатски си тера по старо, но Работнички иако загуби вчера во Струга со 2:1, сепак покажа дека не е екипа за последно место. Има идеја, има агресивност, има игра, но резултатот изостана, сепак утеха е фактот дека иако губи од коло во коло играта драматично е подобра и подобра, ако е за утеха.

Шкендија си ја “тресна“ толку фалената Академија Пандев и тоа на нејзин терен, си ја победи со 1:0 иако според играта резултатот можеше да биде поубедлив.

Лично мислење на авторот на овој текст е дека Шкендија е прв фаворит за титулата оваа сезона.

Македонија ЃП очекувано убедлива со Победа, со тимот кој веројатно во ПМФЛ е со најслаб квалитет и прв кандидат за директно испаѓање. Секако дека не сакаме да се правиме “фраери“, тренерот Бабунски си ја знае работата, но не може една таква Победа да се отвори и да игра офанзивно со Македонија ЃП, “лавовите“ си ја “толчеа“ во саботата во Ѓорче. За да играш како што игра Победа, за да се надигруваш, за да форсираш фудбал убав за око мора да имаш квалитет, вака ќе си губиш редовно. Прво од Струга ТЛ, па од Тиквеш и од Македонија ЃП со вкупна гол разлика од 1:8.

Силекс и тоа како позитивно изненадува. Ете вчера го победи во една фудбалска војна и Скопје, па така сега со 7 бодови е втор на табелата. Кратовци со стратегот Горазд Михаилов не се шегуваат.

Вчера на четири меча дури седум црвени картони, беше жестоко во Кратово и Струга, сепак белег на колото е она што го направи капитенот на Брегалница Даниел Мојсов во своето родно Кавадарци.

Тотална непрофесионалност, си ја оштети својата екипа со неиграњето на веројатно двата наредни меча.

Неверојатно.

Не знаеме како реагирал неговиот стратег Илчо Ѓорѓиоски во соблекувалната, но веројатно паднале тешки зборови, ако не и нешто повеќе и тоа сосема оправдано.

Сите ние знаеме зошто е таа одмазда на кавадарчани кон помалиот од браќата Мојсови, а постариот Ѓоко е во стручниот штаб на Тиквеш. Тоа е познато, и кога е така зошто тогаш дозволува неговиот родител да биде на трибини кога играат неговата Брегалница и Тиквеш во Кавадарци.

Јасно е, секој човек има своја граница на „вриење“, на толеранција од навреди, но Мојсов ни во сон не смееше да помислува да се расправа со публиката, со своите кавадарчани, дури и да тргне кон нив за да се тепа.

Јасно е, боли кога ти го навредуваат родителот, семејството, но ти се бе бате професионалец, земаш добри пари од Брегалница и актуелниот клуб треба да ти биде светост. Вака сега ја оштети Брегалница, сега треба со Македонија ЃП и со Шкупи, “сините“ да играат без тебе, без капитенот.

Чист аматеризам, потег за осуда.

Бадијала извинувањето.

Нема што, непотребно “Мојсов – ШОУ“ во Кавадарци од страна на капитенот на штипјани инаку роден кавадарчнец.

Да не кажеме потешки зборови…

ПретходноЃорѓи Чековски е нов тим-менаџер на сениорска репрезентација!
СледноППД Загреб потврди дека го зема најдобриот јуниор во светот и екс-вардарец!