Тимот на Манчестер Јунајтед ја запиша првата победа сезонава во Премиер лигата. Вечерва во големото англиско дерби од 3. коло славеа над Ливерпул со 2:1 на својот „Олд Трафорд“. Оваа победа сигурно ќе значи и поттик за следните натпревари и фаќање на ритам и кревање на самодовербата по оние два порази во првите две кола.
Ливерпул по три кола нема победа, две ремија во првите две кола и сега пораз на „Олд Трафорд“. Четата на Јирген Клоп делува слабо на стартот на сезоната, лесно прима голови и не може да дојде до посакуван резултат.
Инаку мечот го отвори Јунајтед по одличната акција и реализација на Џејдон Санчо во 16. минута. Во 53 минута резултатот го зголеми Маркус Рашфорд, а Ливерпул намали во 81. Минута со голот на Мохамед Салах.
Инаку тренерот на Јунајтед Ерик тен Хаг го почна мечот без Мегваер во одбраната и без Роналдо во нападот. На клупата беше и Фред. За разлика од Мегваер кој воопшто не влезе во игра, Роналдо и Фред се појавија на терен. Португалецот влезе во 86. Минута, а Бразилецот во 71 минута.
Кај Ливерпул го немаше Дарвин Нуњез поради црвениот картон од претходното коло.
Генерално гледано Ливерпул доминираше на теренот, имаше и поголем посед и повеќе удари на гол, но на крајот е поразен. Јунајтед конечно одигра мудро и со добар напад го скрши противникот.